Газираните засладени пијалоци во својот состав имаат многу шеќери, а што е уште поважно некои од нив содржат фосфорна, лимонска, киселина или некоја друга киселина. Ортофосфорната киселина во стоматологијата се користи за јеткање на емајлот (постапка при која што емајлот се припрема за изработка на композитните бели пломби). Значи, честото конзумирање на газираните пијалоци доведува до киселинска ерозија на забите.Клинички може да се видат истенчени стаклести заби. Слична клиничка слика може да се види и кај пациентите заболени од булемија поради честото повраќање. Таквата штета е неповратна и мора стоматолошки да се санира. Како што секогаш им напоменуваме на пациентите, добрата орална хигиена е темел на оралното здравје. Ако барем не ја исперете устата со обична вода после конзумирање на некој сладок или кисел напиток доаѓа до пад на Ph вредноста во усната шуплина, што ќе создаде услови за почеток на распаѓањето на забниот емајл. Емајлот е граден од кристали на хидроксеапатит кој се осетливи на дејството на киселините.
Како резултат на делувањето на киселината на површината на емајлот доаѓа до нарушување на нормалната структура на хидроксепатитот и создавање на дупчиња во кои ќе се вовлечат бактерии, кои се нормални жители на усната шуплина. Ако таквата состојба потрае, од почетен кариес, кој може да се препознае како малечка бела точка на површината на забот, ќе настане напреден кариес. Нашиот организам поседува механизам кој се бори против паѓањето на Ph вредноста во устата, но секогаш е пожелно да се намали честотата и времето на изложување на забите на киселина.
Со задржување на киселиот пијалок во устата ќе се нанесе најголема штета на забите. Препорачување испирање на устата со обична вода или користење на цевки, со цел да се намали контактот на забите со пијалокот. Прехранбените бои кои се наоѓаат во пијалокот, исто така можат штетно да влијаат пребојувајќи ги забите.
Многу од здраствените студии што се работени последниве години укажуваат на штетноста на газираните напитоци врз целиот организам. Поради тоа треба да се избегнуваат индустриските пијалоци. Водата е најдобар избор , кој нема да ги оштети вашите заби и ќе го одржи здравјето на вашиот организам.